Неуспешни преговори за прекин на огнот во Газа
Израел нема да го промени ставот и покрај заканите од сад за суспендирање на оружјето поради операцијата во Рафах-категоричен Нетанјаху. Вели-подготвен е да остане сам и да се бори со нокти ако треба само за да го порази Хамас. За Вашингтон, офанзивата би била во корист на милитантите. Преговори во Каиро за прекин на огнот во Газа завршија без договор. Борбите продолжуваат...

Израел е подготвен да остане сам и да оди докрај во војната за да го порази Хамас-Нетанјаху категоричен по најавите од САД за прекин на испораката на оружје поради планираната операција во Рафах. Војската има сè што и е потребно да ја продолжи мисијата-тврди одбраната.
„Обединети сме да го победиме нашиот непријател, ако треба – ќе се бориме со нокти и заедно ќе победиме“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.
„Армијата има муниција за планираните мисии, како и за мисиите во Рафах. Ова го кажувам во контекст на сè што се случи со САД, важно е да се потенцира“, изјави Даниел Хагари – портпарол на армијата на Израел.
Вашингтон на став дека офанзивата во Рафах може да доведе до стратешка победа на Хамас и да ги зајакне нивните позиции на преговарачката маса.
„Се надеваме дека нема да има офанзива, тоа ќе биде најдобриот исход за сите. Мислиме дека ќе ја постигнат целта за разбивање на хамас и баталјоните кои се во Рафах без дополнително да се загрозат цивилите“, изјави Метју Милер – портпарол на Стејт департментот.
По САД, и Германија размислува за запирање на испораката на оружје за својот сојузник во надеж дека Тел Авив ќе го забави темпото и нема да дозволи ескалација на конфликтот. Додека борбите продолжуваат на истокот од Рафах, хуманитарната ситуација станува се полоша. УНРВА соопшти дека привремено го затвора своето седиште во источен Ерусалим откако „израелските екстремисти“ го запалија периметарот по неколкунеделните протести и напади.
„Од затворањето на преминот воопшто нема помош. До сега добивме по нешто, сега веќе ништо. Кога одиме да побараме нешто од агенцијата УНРВА, велат дека немаат можности и ништо не им е на располагање“, изјави Шахед ал Кука – Палестинка.
Во меѓувреме Египет со нов апел до двете завојувани страни, да бидат пофлексибилни и да стават крај на војната, откако последните преговори во Каиро за прекин на огнот во Газа завршија без договор.
Бојана Крстевски
