Битола

Димитар Илиевски Мурато пред 35 години го освои највисокиот врв во светот

10.05.2024 12:01

10-ти мај 1989 година е денот кога првиот Македонец кој го има освоено највисокиот врв во светот-Монт Еверест и влезе во историјата на македонскиот алпинизам, но и тажен ден, затоа што не успеа да се врати назад. Од семејството велат дека се горди на големиот подвиг на нивниот сопруг, татко, но истовремено е тешко да се расте без еден родител. Димитар Илиевски Мурато посмртно е одликуван со медал за заслуги за Македонија и прогласен за “Великан на спортот“. Секоја година во негова чест се организира планинарски марш …

Пред 35 години на денешен ден битолските и македонските алпинисти славеа еден голем подвиг, кога првиот Македонец се искачи и го освои Монт Еверест. Но истовремено 10-ти мај е и тажен ден, затоа што на враќање кон базниот камп, оваа планина стана вечно почивалиште на единствениот Димитар Илиевски Мурато.

Какво е чувството да се живее со споменот на едно вакво големо признание, но истовремено и да се расте без еден родител го прашавме Јонче Илиевски – еден од синовите.

Планинарскиот клуб „Пелистер“ секоја година организира традиционален планинарски марш, по повод загинувањето на најголемиот македонски алпинист кој го освои покривот на светот.

За овој голем подвиг кој влезе во аналите на македонскиот алпинизам Димитар Илиевски Мурато, посмртно е одликуван со „Медал за заслуги за Македонија“ и прогласен за „Великан на спортот“. Дел од неговата планинарска опрема е поставена во планинарскиот дом на Големо Езеро, една улица во Битола го носи неговото име, а на неговата родна куќа е поставена спомен-плоча.

 

Александра Максимовска