Македонија

В недела Силјановска-Давкова ќе биде инаугурирана за претседател

10.05.2024 13:00

На седницата за инаугурација, Силјановска-Давкова пред пратениците од стариот собраниски состав, ќе ја даде свечената изјава со што почнува нејзиниот петгодишен мандат. Според протоколот, првата жена претседател на земјава, претседателската заклетва, ќе ја положи со изјавата за заштита на Уставот на државата...

В недела професорката Гордана Силјановска- Давкова се очекува да го преземе мандатот од Стево Пендаровски по што ќе стане 11-ти македонски претседател.

На седницата за инаугурација, Силјановска-Давкова пред пратениците од стариот собраниски состав, ќе ја даде свечената изјава со што почнува нејзиниот петгодишен мандат. Според протоколот, првата жена претседател на земјава, претседателската заклетва, ќе ја положи со изјавата за заштита на Уставот на државата.

Според уставните обврски, првата задача на претседателот на државата, е доделување на мандат на победникот на парламентарните избори, во случајов на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за состав на новата Влада. Оваа должност е по рокот од 10 дена по основањето на новиот собраниски состав.

Според Уставот, мандатарот ќе има 20 дена рок да поднесе програма и да предложи состав на новата Влада, за која ќе има собраниска расправа и гласање во парламентот. Според сите законски рокови, Македонија ќе добие нова Влада најдоцна до почетокот на јуни.

До изборот на новиот владин состав, продолжува мандатот на техничката влада кој стартуваше 100 дена пред изборите согласно т.н. Пржински договор, за надминување на политичката криза од 2015 година.

Функцијата на техничката влада беше да обезбеди фер и демократски избори.