Политика

Се крои постизборната коалиција за формирање Влада

10.05.2024 14:59

Разговорите за состав на новата влада треба да се водат на основа за забрзан економски развој на Македонија. Новиот потенцијален мандатар Мицкоски најави - поставени се контурите, во тек се разговорите со лидерите на партиите од коалицијата „Твоја Македонија“...

Разговорите за состав на новата влада треба да се водат на основа за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските инвестиции врз база на принципи и вредности. Ова е заклучокот од средбата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар Христијан Мицкоски со коалициските партнери од „Твоја Македонија“. Помалите во оваа коалиција ја дале поддршката на Мицкоски, да ги отпочне преговорите за формирање на новиот состав на Илинденска.

Во ВМРО-ДПМНЕ се надеваат на парламентарно мнозинство од 65 пратеници, но додека тоа останува отворено, Мицкоски, покрај коалицијата Вреди, има сигнали дека и други се заинтересирани за влез во Владата.

Од понеделник би требало работните групи на Вреди и ВМРО-ДПМНЕ, да седнат на заедничка маса со што ќе започнат конкретните разговори за формирање на Влада. Не се исклучува можноста викендов, лидерите на Вреди и Мицкоски, да се состанат на кафе муабет.

Според коалицискиот договор, помалите во „Твоја Македонија“ нема да седнат во министерските фотелји, но ќе добијат од фунционерскиот колач во институциите.

 

Миле Ристески