Да го негуваме македонскиот јазик, апелираат професорите
Младите на социјалните мрежи да ја користат кирилицата – апел од професорите по македонски јазик. Само еден клик е потребен за да се смени азбуката. За да можеме да го зачуваме јазикот - родителите и сите вклучени во образовниот процес треба да им зборуваат на децата за значењето на македонскиот јазик и неговото кирилично писмо...

Поголема застапеност на граматиката во образовниот процес – бараат професорите по македонски јазик. Праксата покажува дека средношколците ги грешат правописните и интерпункциските знаци. Предлагаат граматика и литература да се учат одделно. Велат примената на македонскиот јазик меѓу младите е загрижувачка – англискиот јазик има сериозно влијание во нивниот говор.
Апел од Институтот за македонски јазик за поголема примена на кирилицата на социјалните мрежи. Велат, само еден клик е доволен за да се смени буква.
„Младите треба сè почесто да ја користат кирилицата, има опции, еден клик е потребен на мобилните телефони и на другите електронски уреди за да се смени азбуката од латиница во кирилица, само треба поголема желба за тоа да се направи. Родителите, наставниците и сите вклучени во образовниот систем треба постојано да зборуваат за значењето на македонскиот јазик и неговото кирилично писмо“, изјави проф. д-р Веселинка Лаброска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Зголемен бројот на студенти на Катедрата за македонски јазик
На Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет, годинава се запишале 22-ца студенти. Пред неколку години имаше само седуммина.
„Оваа година сме задоволни од бројот на студенти што ги запишавме, очекуваме тој број да се зголемува со оглед на тоа што стапи во сила Законот за употреба на македонски јазик кој ќе им овозможи можности за вработување на нашите студенти“, изјави проф. д-р Искра Пановска Димкова – раководител на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
„Многу е важно да се негува јазикот во сите области на употребата, во зависност од комуникациската ситуација, во зависност од местото, од функцијата каде што се случува јазикот“, додава проф. Гордана Алексова – Катедра за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Професорите со апел – повеќе да го негуваме мајчиниот јазик за да може да се подобри статусот на македонскиот јазик.
Андријана Ѓурческа
