Со нов закон државата ќе се бори против семејното насилство

24.06.2014 14:20

Новиот Предлог- закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство наскоро во собраниска процедура. Значајна улога им се дава на Центрите за социјална работа. Ќе има и мерки за економско јакнење на жртвата, а судот во рок од 24 часа ќе решава за отстранување на сторителот од домот...

Сместување во центар за лицата жртви, соодветна здравствена заштита, психо - социјална итервенција  и третман, економско јакнење на жртвата преку нејзино активно вклучување на пазарот на трудот, отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување... Се само дел од мерките во новиот предлог закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство.

„Наредниот период претстои еден конструктивен процес на јавна расправа во којшто очекувам сите релевантни фактори да земат учество и да го помогнат носењето на овој закон со квалитетно предлози и видувања“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Како резултат на засилените мерки и активности во изминатиов период зголемен е бројот на регистрирани  и процесуирани кривични дела и прекршоци од оваа област вели министерката за внатрешни работи.

„Од 2011 година па заклучно со првото тромесечие од оваа година регистрирани се 2.073 кривични дела со елементи на семејно насилство, и дополнително 1.684 прекршоци од оваа област, а воедно полицијата постапила по речиси 13 илјади поплаки“, рече министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.

И од Агенцијата за обединети нации како позначаен го одвоија фактот дека се дефинира феноменот на економско насилство и се предвидуваат конкретни програми за економско зајакнување на жртвите од семејно наислтво. За првпат се дава законска рамка на заедничката интерсекторска соработка во постапките на семејно насилство.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска