Политика

ВМРО-ДПМНЕ: Заканите на ДУИ за дестабилизација нема да нè поколебаат

11.05.2024 11:16

Од партијата жестоко ги отфрлаат неоснованите обвинувања и тактиките за поттикнување страв што ги користи ДУИ. Додаваат дека македонскиот народ се изјасни низ демократските процеси, а обидите за поткопување на неговата волја се неприфатливи.

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение насочено кон информациите од ДУИ дека на земјава ѝ се „заканува“ нестабилност доколку тие не бидат дел од владејачкото мнозинство, порачаа дека обидот на ДУИ да се претстават како бранители на албанските права не е ништо друго освен фасада за прилепување до власта по секоја цена.

Од партијата жестоко ги отфрлаат неоснованите обвинувања и тактиките за поттикнување страв што ги користи ДУИ. Додаваат дека македонскиот народ се изјасни низ демократските процеси, а обидите за поткопување на неговата волја се неприфатливи.

ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалицијата на македонските Албанци „Вреди“, се залага за правда, транспарентност и вистинска застапеност за сите граѓани на Македонија. Нема да нè поколебаат тактики или закани за поделби. Нашиот фокус е поддржување на владеењето на правото, промовирање на единството и унапредување на интересите на сите граѓани, без разлика на етничката припадност, соопштуваат од партијата и ја повикуваат ДУИ конструктивно да се вклучи во демократските процеси наместо да прибегнува кон тактики на страв и манипулации.

Иднината на Македонија е во единството, а не во поделбата, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.