Земјоделство

Младиот кромид наместо во Башино Село, се одгледува во Росоман и Каратманово

11.05.2024 11:26

Откако го снабдуваше пазарот за 22 милиони жители на поранешна Југославија, младиот кромид од велешко Башино Село, годиниве домаќинствата го одгледуваат само за себе. Оваа раноградинарска култура сега се одгледува во Росоман, Каратманово…

Ја нема вообичаената пролетна слика во велешко Башино Село, кое беше најголемиот одгледувач на млад кромид во земјава. Последните години малку од локалните семејствата го работат овој ран зеленчук. Причината е што младите не се заинтересирани, па бавчите останаа да работат возрасните.

Ниската цена, немање на организиран гарантиран откуп, влијаеше селото кое го снабдуваше и пазарот за 22 милиони жители за поранешна Југославија, да ги задоволува потребите на велешани, но не и пошироко. Неколку години наназад млад кромид и млад лук, се одгледуваат во Каратманово, Овче поле.

Упатените велат дека местото на Башино Село во одгледувањето на младиот кромид, последните години го зазема Росоман. Од таму шлеперите пролетва заминаа за Хрватска за католичкиот Велигден. Земјоделците задоволни и од цената и од пласманот.

Плоштадот во Башино Село е празен, откупувачи повеќе нема, останаа само спомените од едно минато време, кога тука камиони го разнесуваа овој зеленчук по пазарите низ земјава.

Петар Печков