Свет

Изгласана резолуцијата за подобрување на статусот на Палестинците во ООН

11.05.2024 12:05

Изгласувањето на резолуцијата предизвика скандал во Обединетите нации, откако израелскиот претставник на говорницата ја искина повелбата на светската организација...

Со огромно мнозинство во Генералното собрание изгласана резолуцијата за подобрување на статусот на Палестинците во Обединетите нации, вклучително и полноправно членство на Палестина во светската организација. За резолуцијата гласаа 143 држави, девет беа против, меѓу нив се САД и Израел. 25 земји беа воздржани. Изгласувањето на резолуцијата предизвика скандал во Обединетите нации, откако израелскиот претставник на говорницата ја искина повелбата на светската организација.

„Сè додека толку многу од вас мразат Евреи, не ви е гајле што Палестинците не се мирољубиви. И покрај вашата обврска кон повелбата на ООН, вие тука откриете што навистина значи повелбата за вас. Се работи за животите на Израелците и Евреите, повелбата на ООН не ви значи ништо. За вас, повелбата на ООН е само бесмислен документ, а ова гласање ќе го докаже тоа“, изјави Гилард Ердан – израелски амбасадор во ООН.

САД и Израел се против

САД јасно ставија до знаење дека ќе го блокираат членството и државноста на Палестина додека директните преговори со Израел не ги решат клучните прашања, вклучително и безбедноста, границите и иднината на Ерусалим. Меѓу земјите кои ја поддржаа резолуцијата, беше и Австралија. За премиерот Албанес одлуката е во согласност со ставот на неговата земја за решевање на кризата на Блискиот Исток, со формирање две држави.

„Можно е да се поддржуваат човековите права на Палестинците без тоа да ги омаловажува човековите права на израелските граѓани. Уште од првиот ден кажав дека секој живот е важен на Блискиот Исток, без разлика дали е израелски или палестински“, нагласи Ентони Албанес, премиер на Австралија.

Да прекинат нападите во Рафах

Во меѓувреме, и покрај силните противења на меѓународната јавност, Израел ја интензивира офанзивата на југот од Појасот Газа. Генералниот секретар на Обединетите нации го повика Тел Авив итно да ги прекине нападите во Рафах, во спротивно ќе предизвика хуманитарна катастрофа од епски размери.

„Повторно апелирам до Израел и Хамас да покажат политичка храброст и да не штедат напор за постигнување договор за запирање на крвопролевањето и ослободување на заложниците. Состојбата во Рафах е на раб на катастрофа. Во јужниот дел на Газа има над милион Палестинци, од кои половината се деца“, изјави Антонио Гутереш – генерален секретар на ООН.

И американскиот секретар за одбрана Лојд Остин побара цивилите во Рафах кои се на патот на израелската армија да бидат преместени надвор од опасност. Франција повика итно да се запре воената операција во Рафах.

Маја Стојанова