Евроинтеграции

Гир ја очекува земјава наскоро во Унијата

11.05.2024 12:54

Евроамбасадорот Гир го искористи традиционалниот марш до Водно да изрази уверување дека сака да ја види земјава во Европската унија. Во периодот пред составувањето на новата влада, кај дел од аналитичарите преовладува наративот дека земјата не смее да се откаже после толку жртви што ги направи...

Продолжува реториката на пораки до земјава дека местото ѝ е во европското семејство. Евроамбасадорот Гир го искористи традиционалниот марш до Водно да изрази уверување дека сака да ја види земјава во Европската унија и дека македонското знаме наскоро ќе се најде на јарболот меѓу знамињата на членките на Унијата.

„Традиција е да се изрази верба во иднината, верба дека македонското знаме ќе се вее во Брисел кога ќе стане членка на Унијата. Се разбира искачувањето на планината не е едноставна работа. Тоа е тежок марш, но чекор по чекор се искачуваме. И уверен сум дека ќе го достигнеме врвот со уверувањето дека оваа земја ќе го заземе вистинското место во Европската унија како полноправна членка“, нагласи евроамбасадорот Гир.

Во периодот пред составувањето на новата влада кај дел од аналитичарите преовладува наративот дека земјата не смее да се откаже после толку жртви што ги направи за да стане членка. Иако за време на кампањата партиите останале цврсто на своите ставови во однос на клучното прашање за уставните измени, сите се свесни дека тоа во постизборниот период ќе се менува и секој од политичките чинители полека ќе ја напушта националистичката реторика.

Единствениот излез е влезната врата на ЕУ

Причините се јасни, вели универзитетскиот професор Селмани, затоа што граѓаните од сите етнички заедници, меѓу кои и двете најголеми истрајале долги години. Се претрпеа последици со промена на името со слабеење на животен стандард и со иселување, и на тоа ќе мора да му се стави крај, а несомнено е, вели Селмани, дека единствениот излез за сите е влезната врата на Унијата.

„Целокупните заложби на земјата може да бидат доведени во прашање. Затоа многу е важно во кој правец ќе се движат работите односно кои ќе бидат напатствијата за понатаму. Се надеваме и посакуваме позитивен епилог на процесите, да бидат реализирани уставните измени и Северна Македонија да стане дел од општествата толерантни, напредни, базирани на соработка, затоа што само ваквите општествата се вредни за човештвото, доколку не се случи тоа ќе биде уништено сè што значи интерес на Европската унија“, смета професорот Башким Селмани.

Сега сè е во рацете на политичарите кои ја добија довербата од граѓаните. Аналитичарите сметаат дека следува период во кој ќе се исцртаат контурите на идната власт која на свое конто наследи многу важни сметки за порамнување.

Фиљана Кока