Да се спречи одливот на медицински сестри, недостигот на кадар носи сериозни проблеми
Продолжува одливот на медицинските сестри. Секој месец јавното здравство го напуштаат по 40-тина медицински сестри. Недостигот на овој кадар може да направи сериозни проблеми во здравството, предупредуваат од здружението. Се одбележува неделата на медицинските сестри…

Повеќе од две децении сестра Анѓелка им пружа здравствена грижа на пациентите во болницата „8 Септември“. Најголем стаж има на Одделот за нефрологија, кој можеби е еден од поспецифичните. Вели, голем дел од пациентите кои доаѓаат на дијализа, имаат и друг здравствен проблеми, па медицинската сестра мора да ја познава целата патологија.
„Дијализата не е само вклучи – исклучи, и не е само измери притисок – таа е многу специфична гранка. И во моментов имаме пациент со скршеница, го подготвуваме за оперативен дел, се прави почеста дијализа тука има отстапка од редовниот програм, му се даваат сите потребни лекови за да ја издржи операцијата“, изјави Анѓелка Јовановска – медицинска сестра.
Лекарите ја одредуваат терапијата, но најголем дел од дијализата ја работат сестрите. Пациентите остануваат од четири до пет часа.
„Специфична е работата, подолго време имаат крвавења, имаат фистула којашто не е обична вена ако е четири, сигурно трае четири ипол часа. Доколку имаме потреба доаѓаат колешки да ја завршиме работата, но само од нашиот оддел, ние можеме да помогнеме на сите оддели, а нас не може никој затоа што работата на дијализа е како занает, па и обуката трае најмалку шест месеци“, додава сестра Јовановска.
Дневно на дијализа имаат по 50-тина пациенти, за нив се грижат 14 медицински сестри. Одливот на кадар е сериозен проблем посочува сестра Јовановска, вели за неколку месеци отказ дале четири нејзини колешки, некои заминале во странство, други во приватните болници – сите за подобра финансиска состојба.
И од здруженијата алармираа дека по ковид-пандемијата, секој месец јавното здравство го напуштаат по 40-тина медицински сестри. Според проценките во земјава недостигаат околу осум илјади медицински сестри.
За да се надмине проблемот со одливот на медицински сестри, од здружението велат неопходно е да се донесе Законот за сестринска дејност кој ќе ја регулира оваа професија во однос на образованието, работните задачи и одговорностите.
Андријана Ѓурческа
