Договорени контурите на новата влада, работни групи ќе ги пеглаат деталите
Договорени контурите на новата влада, работни групи ќе продолжат да работат додека не се испеглаат сите детали. Христијан Мицкоски со тимот дојде во седиштето на „Вреди“. Средбата траеше кратко, а куси беа и изјавите и соопштенијата за истата. ДУИ пак се жали до меѓународните фактори за нестабилен политички инженеринг-велат се прави обид за да му се одземат два пратенички мандата на Европскиот фронт…

Седнаа на маса за да ги договорат општите начела за соработка во идната влада. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Вреди остварија прва средба за евентуална коалиција. Од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека соработката ќе се темели на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото. Мицкоски пред почетокот на средбата кратко кажа дека ова било само запознавање.
Од Коалицијата Вреди изјавија дека разговорите оделе во позитивна насока и дека наскоро ќе се формирале работни групи.
И додека едни се договараат, други критикуваат. Арбер Адеми од ДУИ рече дека се правел политички договор за да му се одземат два пратенички мандата на Европскиот фронт, и најави дека за нерегуларностите ја информирале меѓународната заедница.
По цврстиот став на Мицкоски дека ДУИ ќе оди во опозиција, тие велат дека со ваквата политика ВМРО-ДПМНЕ се обидува во иднина да ги натера Албанците да се постројуваат зад македонските политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а со тоа и да се изгуби потребата од политичко организирање кај Албанците.
Борис Грујоски
