Која е Гордана Сиљановска- Давкова?
Во нејзината богата биографија преовладува посветеноста на правните науки и придонесот за академската заедница, проткаена со обемен ангажман како општествено-политички чинител.

Од собраниското столче како пратеничка Гордана Сиљановска-Давкова се сели во вилата на Водно како прва жена шефица на државата, а шести по ред претседател на земјава. Со изборот Сиљановска-Давкова ја зголеми бројката на жени претседателки во Европа на девет вкупно.
Во нејзината богата биографија преовладува посветеноста на правните науки и придонесот за академската заедница, проткаена со обемен ангажман како општествено-политички чинител.
Таа е редовна професорка во пензија по Уставно право и политички систем на Правниот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Основно, средно и високо образование завршува во Скопје. Дипломира на Правниот факултет во 1978 година, каде подоцна и магистрира. После завршувањето на докторските студии cum laude на Правниот факултет во Љубљана, во 1994 е избрана за доцент, во 1999 за вонреден професор, а во 2004 година за редовен професор на Катедрата за уставно право и политички систем на Правниот факултет во Скопје.
Најинспиративен професор на Правниот факултет
Автор или коавтор е на повеќе од 200 наслови од областа на правото, политичкиот систем и уставното право. Во 2016 година, од студентите беше избрана за најинспиративен професор на Правниот факултет. Втемелувач е на клиничкото (практично) правно образование и еден од основачите на политичките студии и политичките науки во земјава. Сиљановска-Давкова беше раководител на Институтот за правни и правно-политички науки, член на деканската управа и раководител на Катедрата за уставно право и политички систем.
Нејзиниот општествен ангажман опфаќа значајни позиции. Беше член на Уставната комисија во Собранието од 1991 до 1992 година. Потоа од 1992 до 1994 беше министерка без ресор во Владата, а во истиот период беше претседателка на Координативното тело за соработка со Централно и источноевропската правна иницијатива основана од Американската адвокатска асоцијација.
Таа е основач и член на првиот Македонски совет на европското движење. Од 1999 до 2002 претседателствува со Македонскиот национален комитет за родова еднаквост, а следните две години со Женското лоби, работната група за родови прашања. Претседателка беше и на Граѓанското движење на Македонија од 2004 до 2005. Сиљановска-Давкова беше и еден од основачите на институтот Евро-Балкан.
Сестрано општествено-политичко делување
Сестраноста на нејзиното општествено политичко делување ја потврдуваат членството во 1991 во Експертската група на Женевската конференција за поранешна Југославија. Од 1994 како дел од експертите за родови прашања на УНДП, а од 1998 беше експерт за изборни прашања на ООН. Како член на Управувачкиот комитет за локална и регионална демократија при Советот на Европа ја гледаме од 1996 до 2002 година. Член е на Меѓународното здружение за уставно право од 1999 до денес.
Член беше исто така од 2002 до 2023 на Групата на независни експерти за европската повелба за локална самоуправа, Совет на Европа, Стразбур каде беше потпретседателка од 2004 до 2012. Во периодот 2008-2016 година ја претставува Република Северна Македонија во Венецијанската комисија.
Добитничка на многу награди
Добитничка е на многу награди, вклучително и за придонес кон владеењето на правото од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и на медал за нејзината работа кон родовата еднаквост од Сојузот на жени на Македонија.
Во 2019 беше кандидат на претседателските избори поддржана од страна на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. На предвремените парламентарни избори во 2020 година, Сиљановска-Давкова беше носителка на кандидатската листа за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Изборна единица 1.
Како независен пратеник во рамки на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата таа е избрана за претседателка на Комисијата за еднаквост на жените и мажите, членка на Комисијата за политички систем и Комисијата за образование, како и на Националниот совет за евроинтеграции. Исто така, членка е на Управувачкиот комитет за соработка со Шведскиот парламент и на Комисијата за соработка со израелскиот парламент. Заменик-членка е на Комисијата за европски прашања и на делегацијата во ОБСЕ. Таа важи за една од најактивните пратенички во Собранието.
Гордана Сиљановска-Давкова е родена на 11 мај 1953 година во Охрид, мажена е и има две деца.
Фиљана Кока
ФОТО: Архива на МРТ
