Македонија

Кои се надлежностите на претседателот на државата?

12.05.2024 13:35

Кои сè надлежности ќе ги има шестата по ред претседателка на независна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова? Овластувањата кои спаѓаат во нејзиниот домен се делат во неколку групи.

Македонија ја доби првата жена претседателка на државата. А кои сè надлежности ќе ги има шестата по ред претседателка на независна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова? Овластувањата кои спаѓаат во нејзиниот домен се делат во неколку групи.

Прва, да ја претставува Македонија дома и во меѓународните односи. Таа ги поставува и ги отповикува македонските дипломатски претставници од странство, а ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници. Може да склучува меѓународни договори во име на државата и да предлага стапување или истапување од сојуз или заедници со други држави.

Втората група надлежности на претседателката Давкова се од доменот на одбраната. Таа е врховен командант на вооружените сили и може да прогласи воена или вонредна состојба самостојно или во случај ако Собранието не може да се состане, по што му ја поднесува на потврдување.

Третата група овластувања на македонската претседателка се поврзани со предлагање и избор на други органи. Давкова ќе го определи мандатарот за состав на владата. Таа предлага и двајца судии на Уставниот суд, двајца членови на Републичкиот судски совет и тројца членови на Советот за безбедност. Освен тоа именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и закон.

Четвртата група надлежности на македонската претседателка Давкова се однесуваат на овластувања за доделување на одликувања и признанија, како и давање на помилување согласно закон. Последно, но не и помалку важна, е надлежноста во рамките на нормативната дејност на Собранието, како и правото на суспензивно вето на закон кој Собранието веќе го изгласал.

Марија Котовска