Политика

Реакции по изјавата на Сиљановска- Давкова

12.05.2024 16:36

Пратеникот Арбр Адеми изрази жалење поради тоа што во заклетвата новата претседателка не го истакнала уставното име на државата.

Сиљановска-Давкова го погази Уставот и уште при првиот збор создаде криза – реакции стигнаа од ДУИ. Пратеникот Арбр Адеми изрази жалење поради тоа што во заклетвата новата претседателка не го истакнала уставното име на државата.

Додава дека во нејзиниот говор немало ништо суштинско – не се осврнала на НАТО, ниту обврските и предизвиците кои ни престојат како земја-членка, а не спомнала за евроинтегративниот процес на државата. Адеми вели во говорот немаше ниту збор за меѓуетничките односи.

ДУИ: Давкова го згази Уставот

„Изразуваме забелешка за говорот на Сиљановска-Давкова, која го згази Уставот уште при првата реченица, не споменувајќи ни Република, а камо ли Северна Македонија. Ги исклучи сите луѓе од единството, беше говор за 8 Март, без да се спомене НАТО и сите предизвици кои ни престојат. Ниту еден збор за ЕУ, ниту за евроинтегративниот процес. Ниту збор немаше за негување на добри меѓуетнички односи, ниту за Рамковниот договор, ниту за Преспанскиот договор, ниту за добрососедскиот договор со Бугарија – намерно не ја спомена и честитката од претседателката на Косово“, нагласи Адеми.

Грчката амбасадорка ја напушти собраниската ложа

По насока од грчкото Министерство за надворешни работи, грчката амбасадорка во земјава Софија Филипиду демонстративно ја напушти собраниската ложа, откако Сиљановска-Давкова наместо Северна го употреби името Македонија и во заклетвата рече дека ќе го штити суверенитетот, територијалниот интегритет и независност на Република Македонија. Не остана до крај на свечената собраниска седница за да го слушне говорот на новата претседателка која им го посвети на жените, за кои кажа дека сака да ги инспирира.

Изоставањето на „Северна“ е ударна вест во грчките медиуми кои говорот на Сиљановска-Давкова го оценуваат како провокација. Освен реакции и критики до новата претседателка на земјава стигаат и честитки од амбасадори и странски дипломати. Го поздравуваат моментот што Сиљановска-Давкова првиот говор им го посвети на сите жени за, како што кажа, да ги инспирира.

Андријана Ѓурческа