Без договор првата средба помеѓу Груевски и Заев
Опозицијата останува на ставот за бојкот на Собранието и на барањето за формирање на техничка влада...

Предмалку во Клубот на пратениците заврши средбата меѓу премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Според лидерот на Социјал-демократите договор нема. Опозицијата останува на ставот за бојкот на Собранието и на барањето за формирање на техничка влада.
Груевски рече дека разговорите поминале во мирна и коректна атмосфера и, како што нагласи, речиси на крајот биле договорени во следната недела да почнат со работа работни групи кои ќе ги адресираат сите прашања коишто ги засегаат двете страни.
„Меѓутоа, на неколку миниту пред крајот Заев побара од мене денеска во изјава да потврдам формирање на техничка влада што за мене беше изненадување. Ми личи како некој да го посоветувал на таква работа. Нормално јас тоа не го прифатив“, изјави Груевски.
Премиерот Груевски во неделното интервју за МТВ изјави дека очекува разумност и дека е подготвен да разговара за сите прашања што се во интерес на државата.
