Македонија

Продолжуваат реакциите по инаугурацијата на претседателката Сиљановска-Давкова

13.05.2024 12:51

Прв работен ден на претседателката Сиљановска-Давкова. Во Вила Водно го почнува со средба со ректорите на државните универзитети во земјава. Во меѓувреме продолжуваат реакциите по нејзината свечената изјава на инаугурацијата за некористење на уставното име. Ги налути соседите, ги подели аналитичарите, едните со став храбра одлука, Уставот не е прекршен, другите со размислување за можни негативни влијанија...

Не стивнуваат реакциите во соседството по инаугурацијата и говорот на претседателката Сиљановска-Давкова. Софија не прифаќа изјави и однесување спротивни на договорот за добрососедство. Европската перспектива на Република Северна Македонија целосно зависи од имплементацијата на меѓународните договори во кои е членка, како и од одобрениот договор од Европскиот совет во јули 2022 година, посочуваат бугарскиот претседател Радев и премиерот Главчев.

„Република Бугарија не прифаќа изјави и однесување спротивни со договорот на пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, како и други меѓународни договори што ги има потпишано Република Северна Македонија“, изјави Румен Радев.

„Бугарија постојано и јасно го кажа својот став дека договорите мора строго да се спроведуваат. Потсетуваме дека Република Северна Македонија е земја членка на НАТО, што подразбира соодветни обврски и одговорности“, изјави Димитар Главчев.

Се огласи и македонското МНР, потврдувајќи ја цврстата определба на земјата кон недвојбено почитување на уставните одредби и сите меѓународно преземени обврски, како што е целосното почитување на договорот за стратешко партнерство меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, познат како Договорот од Преспа.

„Повикуваме на внимателност од страна на сите политички чинители, особено на избраните државни функционери. Задржувањето на евроатлантскиот курс на земјава претставува основен стратешки интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата“, се наведува во соопштението од македонското МНР.

Според универзитетската професорка Каракамишева, недозволиво е толку лесно да се менува Уставот, без длабинска анализа. Највисокиот правен акт беше изменет со решенија однадвор, особено во 2019-та со уставните амандмани. На тоа вели, мора да му се стави крај.

Се огласи и Брисел. Со честитки до новата претседателка, но и со предупредување дека договорите мора да се почитуваат во интерес на евроинтеграциите.

 

 

Наташа Гркова-Петрушевска