Политика

Преговори за нова Влада

13.05.2024 14:23

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“ откако ги поставија основите за соработка, најавија дека работни групи ќе ги утврдуваат деталите за идната влада за која се очекува да биде комплетно составена на почетокот од јуни ...

Сè уште на насмевки и добра волја за владеење. Начелен договор за соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ има за составување на Влада, но засега утврдени само принципите. Далеку се од распределба на ресорите. Работни групи ќе ги утврдуваат деталите за идната влада за која се очекува да биде комплетно составена на почетокот од јуни. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски за МТВ изјави, дека процесот мора да биде транспарентен и да нема разочарување ниту кај едните ниту кај другите, а се во интерес на граѓаните.

Несомнено желба за соработка има и во коалицијата „Вреди“, која на изборите освои 13 пратенички места, но и покрај тоа што освоија помалку од ДУИ, комоцијата им ја дава податокот дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да коалицира со довчерашната владејачка партија, која на трон беше 20-ина години. Африм Гаши, за МТВ вели имаме исти цели со ВМРО-ДПМНЕ, немаме време за експериментирање, туку брзо испорачување на резултати особено во економскиот сектор.

И додека „Вреди“ е сигурниот партнер, не се исклучува можноста дека некој од новоизбраните пратеници, веднаш ќе го сменат партискиот односно коалицискиот дрес, со што ќе се зголеми мнозинството во Парламентот.

 

Миле Ристески