Македонија

НБРМ со надолна корекција на растот на македонската економија

13.05.2024 14:25

Народната банка со надолна корекција на растот на македонската економија. Годинава со 2,6 насто, в година бруто домашен производ од 3,6 проценти...

Надолна проекција на Народната банка за раст на македонската економија годинава. До крајот на годинава се прогнозира 2,6%. Наместо предвидените 4% в година, бруто-домашниот производ ќе достигне 3,6 насто. Како што кажа гувернерката на Народната банка при презентацијата на пролетните макроекономски проекции, полошите изгледи за економијата се должеле на слабата година лани и лошата реализација во првиот квартал од годинава.

Дека Македонија јаде убедливо најскапа храна во Европа, потврди и гувернерката. Вели во земјава сè уште нема поевтинување, според статистиките на Централната банка цените пораснале за 17-18%. Ако се спореди со претпандемскиот период, речиси се двојно повисоки од нивото на светските цени на храната. Ангеловска-Бежоска очекува стабилизирање до крајот на годинава.

„Според последните податоци, сè уште не се вратени на претпандемското ниво и се повисоки за околу 17-18%. Доколку овие трендови ги споредиме со трендовите во домашната економија, може да констатираме дека не се целосно синхронизирани. Кај нас, растот на цените на храната почна подоцна од растот на светските цени на храната и сè уште не гледаме позначителни надолни прилагодувања кај цените на храната“, изјави Ангеловска-Бежоска.

Инфлацијата која почна да забавува лани, ќе го продолжи трендот и ќе достигне 3,5%. На среден рок се очекува да се сведе на историскиот просек од околу 2%, предвидува Народната банка во новата пролетна макроекономска проекција.

 

Борис Грујоски