Собранието бара кандидати за јавни функции

24.06.2014 15:40

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата ги поднесува предлозите до Собранието за избор и за именувања, односно разрешувања на носители на јавни функции, коишто се во надлежност на Парламентот...

Компетентни и високомотивирани кандидати, кои би биле носители на јавни функции, бара преку оглас за пројавување интерес Собранието на Република Македонија.

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата  ги поднесува предлозите до Собранието за избор и за именувања, односно разрешувања на носители на јавни функции, коишто се во надлежност на Парламентот.

„Ваквиот оглас за пројавување интерес не е законска обврска на Собранието, но цениме дека на овој начин се збогатуваат принципите на демократијата и се зголемува транспарентноста на работењето на јавните институции т.е. на Собранието и им се дава можност на што поголем број способни луѓе  да аплицираат“, изјави денеска Зоран Илиоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Огласени се вкупно 40 позиции за кои кандидатите на огласот можат да пројават интерес, претежно претседатели и членови на управни одбори во агенции и членови на комисии. Краен рок за поднесување на пријавите е 20-ти следниот месец.

Според огласот, сите пријавени кандидати имаат еднакви можности да бидат примени, во согласност со нивното образование и искуство, без разлика на полова, верска, партиска и национална определба. Сите кандидати што ги исполнуваат законските услови за функцијата за која се пријавуваат, ќе бидат повикани на интервју.