Македонија

Сиљановска – Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име

13.05.2024 15:05

Продолжуваат реакциите за некористење на уставното име, по свечената изјава на Сиљановска-Давкова на инаугурацијата. Од кабинетот на претседателот со став - претседателката има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување, но ќе се придржува до официјалната примена на уставното име...

Во своите јавни настапи македонската претседателка има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи и согласно европските вредности и начела, одговорија на реакциите од кабинетот на новата шефица на државата. Уверуваат дека претседателката ќе се придржува до официјалната примена на уставното име. Од „Вила Водно“ посочија и дека свечената заклетва беше потпишана на уставното име.

Македонските институции во последниве пет години, речиси целосно ги исполнија обврските од Преспанскиот договор и претседателката очекува, сите македонски партнери да ги почитуваат билатералните и мултилатералните обврски кои ги презеле кон земјата, стои во соопштението од кабинетот на Сиљановска – Давкова.

САД и ЕУ: Склучените договори треба да се почитуваат

Соединетите Американски Држави остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа и на евроатлантските интеграции на Северна Македонија, став на американската Амбасада по инаугурацијата на новата претседателка.

„Откако ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер, ќе продолжиме да ја зајакнуваме важноста на почитувањето на меѓународните договори и придобивките од напредокот на државата со полноправно членство во Европската унија“, велат од Амбасадата на САД во земјава.

И од Брисел со порака дека склучените договори треба да се почитуваат.

Бугарија не прифаќа непочитување на Договорот за добрососедство

Софија не прифаќа изјави и однесување спротивно на Договорот за добрососедство. Европската перспектива на Република Северна Македонија целосно зависи од имплементацијата на меѓународните договори во кои е членка, како и од одобрениот договор од Европскиот совет во јули 2022 година, посочуваат бугарскиот претседател Радев и премиерот Главчев.

„Република Бугарија не прифаќа изјави и однесување спротивни со договорот на пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, како и други меѓународни договори што ги има потпишано Република Северна Македонија“, изјави Радев.

„Бугарија постојано и јасно го кажа својот став дека договорите мора строго да се спроведуваат. Потсетуваме дека Република Северна Македонија е земја членка на НАТО, што подразбира соодветни обврски и одговорности“, изјави Главчев.

МНР повика на внимателност во изјавите

Се огласи и македонското МНР, потврдувајќи ја цврстата определба на земјата кон недвојбено почитување на уставните одредби и сите меѓународно преземени обврски, како што е целосното почитување на договорот за стратешко партнерство меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, познат како Договорот од Преспа.

„Повикуваме на внимателност од страна на сите политички чинители, особено на избраните државни функционери. Задржувањето на евроатлантскиот курс на земјава претставува основен стратешки интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата“, се наведува во соопштението од македонското МНР.

 

Наташа Гркова-Петрушевска