ИЗРАЕЛ

Засилени напади врз Рафах, погодено возило на ООН

14.05.2024 08:45

Војската ги засилува нападите и врз градот Рафах. Погодено возило на ООН. Организацијата потврди дека нивни член е убиен...

Израелски тенкови продираат се подлабоко во Џабалија на северот од Појасот Газа. Војската ги засилува нападите и врз градот Рафах. Погодено возило на ООН. Организацијата потврди дека нивни член е убиен.

„Генералниот секретар ги осудува сите напади врз персоналот на он и повикува на целосна истрага. На теренот се забележуваат копнени упади и тешки борби во источен Рафах, во градот Газа и бегалскиот камп Џабалија. Досега 360.000 луѓе избегале од Рафах“, изјави Фархан Хак, заменик портпарол на генералниот секретар на ООН.

Египет со предупредување до САД дека израелските воени операции, особено во Рафах, носат „сериозни безбедносни ризици“. Белата куќа ја повтори загриженоста. Израел тврди-спроведува прецизна операција и нема да се откаже од целта.

„Никогаш нема да го заборавиме масакрот, злоставувањата, киднапирањето, уништувањето и палењето, злосторствата против нашиот народ и човештвото. Нема да заборавиме-и нема да дозволиме некој друг во светот да го заборави тоа. Нема да ги заборавиме ниту киднапираните. Работиме постојано за да ги вратиме сите“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Неколкумина израелски демонстранти се уапсени откако ја блокираа хуманитарната помош и фрлаа пакети со храна. Лидерот на Хезболах му се закани на Тел Авив дека доколку продолжи со офанзивата – жителите на северен Израел нема да можат да се вратат во своите домови.