Нетанјаху не прифати прекин на огнот
САД го предупреди Израел дека офанзивата на Рафа ќе биде голема грешка. Нетанјаху го отфрли барањето на Хамас за прекин на огнот...

Израелски тенкови продираат сè подлабоко во Џабалија на северот од Појасот Газа. Војската ги засилува нападите и врз градот Рафах. Погодено возило на ООН. Организацијата потврди дека нивни член е убиен.
„Генералниот секретар ги осудува сите напади врз персоналот на ОН и повикува на целосна истрага. На теренот се забележуваат копнени упади и тешки борби во источен Рафах, во градот Газа и бегалскиот камп Џабалија. Досега 360.000 луѓе избегале од Рафах“, изјави Фархан Хак, заменик портпарол на генералниот секретар на ООН.
Египет со предупредување до САД дека воените операции на Тел Авив особено во Рафах, носат сериозни безбедносни ризици. Белата куќа ја повтори загриженоста за израелските воени дејствија со употреба на американско оружје.
„Имаме болно искуство во борбата против терористите. Не е едноставно да се изврши воена операција за еден ден. Но, таа мора да има политички план, управување и безбедност за конечно поразување на непријателот. Еден од ризиците од вклучување во ваква кампања е способноста на терористичката група да привлече повеќе регрути и следбеници. Ова е нешто за што разговаравме со Израелците“, изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност во Белата куќа.
Израел тврди-спроведува прецизна операција и нема да се откаже од целта.
„Никогаш нема да го заборавиме масакрот, злоставувањата, киднапирањето, уништувањето и палењето, злосторствата против нашиот народ и човештвото. Нема да заборавиме и нема да дозволиме некој друг во светот да го заборави тоа. Нема да ги заборавиме ниту киднапираните. Работиме постојано за да ги вратиме сите“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Неколкумина израелски демонстранти се уапсени откако ја блокираа хуманитарната помош и фрлаа пакети со храна. Лидерот на Хезболах му се закани на Тел Авив дека доколку продолжи со офанзивата, жителите на северен Израел нема да можат да се вратат во своите домови.
Бојана Крстевски
