Нови 15 случаи на пертусис, до 9-ти мај вкупно 553
Возраста на заболените се движи од еден месец до 62 години, а најголем број случаи се од возрасната група до четири години, информираат од Институтот за јавно здравје во најновиот извештај...

Нови 15 случаи на пертусис – народски кажано голема кашлица, се пријавени во периодот од 3-ти до 9-ти мај, од кои шест лица се хоспитализирани. Во однос на географската дистрибуција, најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје – 14, а пријавен е и еден случај од Крива Паланка. Возраста на заболените се движи од еден месец до 62 години, а најголем број случаи се од возрасната група до четири години, информираат од Институтот за јавно здравје во најновиот извештај.
Заклучно со 9-ти мај, во државава се регистрирани вкупно 553 случаи на голема кашлица. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период – од 2019 до 2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи.
