Поливалентните вакцини- придобивка за сите

24.06.2014 17:23

Со поливалентните вакцини ќе се намалат и несаканите реакции - велат докторите...

Помал стрес за децата, помало малтретирање за родителите и поголем опфат на вакцинирани деца- педијатрите се едногласни- поливалентните вакцини се иднината на имунизацијата. Доѓаат и кај нас.

„Ние се согласуваме помалку време да се троши, помалку трошоци и да не се малтретираат многу децата... Зошто да не, помалку малтретирање за бебето, помалку ќе плаче... Штом ги носат мора да се добри, секој носи нешто подобро, а не полошо...“, велат случајно анкетираните граѓани.

Бебињата во земјава се боцкаат 17 пати. Развиените земји тоа го решиле со поливалентни вакцини - процесот на имунизација е скратен на 7 посети.

„Сите болести се содржани во една вакцина, кога кажувам за сите не мислам на целиот календар. Ди-те-перот, хемофилусот и полиото се во една вакцина, но може да биде и шестовалентна каде што постои и хепатитот како вакцина“, вели д-р Искра Мартиновска, педијатар во поликлиника „Јане Сандански“.

Со поливалентните вакцини ќе се намалат и несаканите реакции - велат докторите.

„Родителите ќе можат да бидат спокојни, буквално вакцинирање на детето и во летниот и во зимскиот период бидејќи постоеше дилема дали да ги вакцинираме децата во летниот период, сега ќе бидат спокојни дека вакцината нема никакви негативни ефекти“, изјави д-р Аспазија Софијанова, директор на Клиника за детски болести.

Поливалентните вакцини во земјава не можат да се купат приватно. Досега родителите се снаоѓаа кој како знае и умее, некои ги носеа бебињата и во соседството на вакцинација.

Со години здравствените власти велеа дека поливалентите вакцини се скапи, и државата неможе да ги набави.

Сите се едногласни за големата ефикасноста на поливалентните вакцини. Почна процедурата за нивната набавка, овие вакцини во земјава ќе стигнат во втората половина на 2015-тата година.

Тоа државата ќе ја чини околу 6,2 милиони евра, а досега за имунизација годишно се издвојуваа околу 3.36 милиони евра. 

 

Андријана Атанасовска