Е-трговијата во пораст
Според анализата на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, нашите граѓани во странство со своите платежни картички потрошиле 573.4 милиони евра, а од тие дури 34 насто или 195.6 милиони евра ги потрошиле купувајќи производи и услуги поврзани со патувања и трансакции за авио-билети и резервации на хотели онлајн...

Македонците се повеќе трошат пари за онлајн производи. Според анализата на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, нашите граѓани во странство со своите платежни картички потрошиле 573.4 милиони евра, а од тие дури 34 насто или 195.6 милиони евра ги потрошиле купувајќи производи и услуги поврзани со патувања и трансакции за авио-билети и резервации на хотели онлајн. Оваа анализа е направена врз основа на објавените податоци од страна на Народната банка за минатата година, кои покажуваат дека се потрошени за 25.3 проценти повеќе средства споредбено со 2022 година.
Најголем дел од парите се искористени за трансакции во Холандија, Обединетото Кралство, Унгарија, Ирска, САД, Луксембург, Грција и Германија, а најмногу купувале на „Букинг“ и „Визер“. Само од трансакциите кон Холандија, Обединето Кралство и Унгарија е остварена вредност од 77 милиони евра, што претставува 39% од вкупно остварената вредност онлајн во странство.
Според податоците на Асоцијацијата за е-трговија забележано е зголемување и на трансакциите направени од странски сметки за купување производи од македонски трговци. Минатата година од странски платежни картички се слеале 26,8 милиони евра, на македонските сметки. По земји-речиси 4 милиони евра или 18.5 насто од вредноста на трансакциите се направени со платежни картички издадени во САД, потоа 2.6 милиони евра или 9.7 проценти од Швајцарија и 1.7 милиони евра или 6.2 насто од Обединетото Кралство.
