Во нови возови ќе се возиме идното лето
50 милиони евра се планирани за обнова на железничкиот возен парк, 15 за товарни вагони, 10 за рехабилитација на старите возови, 25 се потрошени за новите патнички вагони купени од Кинески ЦРС...

Во нови возови на македонските пруги ќе се возиме идното лето. Климатизирани, енергетски ефикасни, со сите безбеносни стандарди за превоз и на лица со ограничена мобилност. Новите четири дизел и две електромоторни патнички композиции за 1.200 патници ќе го раздвижат најекономичниот транспорт. А за негова моденизација, во следните четири години Владата најави инвестициски циклус тежок 250 милиони евра.
„Со оваа голема инвестиција целосно ќе се трансформира и модернизира македонскиот железнички сообракај. Железницата не е само најекономичниот начин на транспорт, туку и најпријатен, лично мене најомилен начин на превоз. Но, факт е дека во Македонија не беше целосно искористена. Причините за тоа се недостаток од инветиции и во инфрастрктурата и во вагони“, рече вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
50 милиони евра се планирани за обнова на железничкиот возен парк, 15 за товарни вагони, 10 за рехабилитација на старите возови, 25 се потрошени за новите патнички вагони купени од Кинески ЦРС.
„Почнуваме со една нова слика за железницата, за железничкиот транспорт во нашата земја. Продолжуваме со модернизација на состојбите во железничкиот сектор и негово максимално насочување кон задоволување на потребите на граѓаните со квалитетен, ефикасен патнички превоз со модерни возови какви што заслужуваат македонските граѓани“, посочи министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Се очекува железницата повторно да стане профитабилна и масовно користена. Шест патнички композиции треба да бидат целосно испорачани до крајот на следната година.
„Ќе ја оправдаме довербата и ќе понудиме супериорен квалитет и сервис. Во 2013- тата компанијата постигна приход од 16 милијради долари, потпиша договори во странство вредни 2,2 милијарди“, изјави Ху Цонгјанг, заменик претседател на Корпорацијата ЦРС.
Напоредно се работи и на реконструкција на железничките станици.
Се расчистува теренот и за почеток на реконструкцијата на Скопската железничка станица. Санацијата се врши по цели 33 години. Догодина се очекува да добие нов модерен лик.
Сузана Фиданска- Стоевска
