Штрајк

Приватните специјализанти продолжуваат со протести

14.05.2024 14:39

Пред да почне изборната кампања – приватните специјализанти една недела беа во генерален штрајк. Приватните специјализанти продолжуваат со протести. Незадоволни се од платите и нерегулираниот работен однос. Чекаат нова влада за да преговараат со новиот министер...

Проблемите на приватните специјализанти ќе ги решава новата влада. И овој вторник се собраа пред интерните клиники за време на паузата, за да ги потсетат надлежните дека нивните проблеми чекаат разрешница. Веднаш по назначување на новиот министер за здравство ќе бараат средба за, како што велат, нивните барања за повисока плата и за регулирање на работниот однос да ги постави високо на агендата. Велат само така ќе се спречи одливот лекари, бидејќи со примања од 26 илјади денари доведени се до работ на егзистенција и се повеќе решаваат да ја напуштаат земјава.

„Очекуваме новиот министер веднаш штом ќе влезе во својот кабинет да нè повика на средба, да ги оствари нашите барања, односно месечниот надоместок, што моментално изнесува 26.000 денари, да биде на ниво на просечна плата во јавна здравствена установа и да ни обезбеди здравствено осигурување. Паралелно на тоа, да почне и процес за носење правни и законски решенија за сите ние, приватните специјализанти, да бидеме трансформирани во јавното здравство, со што би имале и соодветно пензиско осигурување“, изјави д-р Христина Илиоскаешлароска – приватен специјализант по интерна медицина.

За проблемите укажуваат подолг период, поддршка имаат и од повозрасните колеги специјалисти.

Пред да почне изборната кампања – приватните специјализанти една недела беа во генерален штрајк – не прегледуваа пациенти, не дежураа, не влегуваа во операциона сала. Но го ставија во мирување и се вратија на работа, бидејќи, како што рекоа, не сакале дополнително да ја отежнат работата на клиниките на сметка на здравјето на граѓаните.

За време на штрајкот, специјализантите предупредија дека 70 проценти од студентите на Медицинскиот факултет учат германски и се подготвуваат да ја напуштат државата. Алармантни податоци сподели и Македонското лекарско друштво, според нив, секоја година од земјава си одат од 200 до 250 лекари.

 

 

Андријана Ѓурческа