Руските сили тврдат дека освоиле уште еден град во областа Харков
Жестоки битки во Харков. Руските сили тврдат дека освоиле уште еден град во областа. Меѓународните организации бараат Москва да ја запре офанзивата. Во ненајавена посета на Киев пристигна американскиот државен секретар Блинкен порача, воената помош од Вашингтон е на пат и ќе направи разлика на фронтот...

Руските трупи тврдат дека зазеле уште еден град во областа Харков во Украина. Во тек е евакуација на населението. Од ООН апелираат руските сили да ја прекинат офанзивата, предупредувајќи дека новите борби во пограничните области носат жртви и раселување.
„Ова е област на интензивни борби, така што безбедносната ситуација е многу тешка. Во оваа фаза е тешко да се утврди што се случува на теренот. Повикуваме руските вооружените сили да ја прекинат офанзивата и да се повлечат до меѓународно признатите граници“, изјави Лиз Тросел – портпарол на високиот Комесаријат за човекови права на ООН.
Американската воена помош веќе е на пат кон Украина, и таа ќе направи вистинска разлика на фронтот, порача американскиот државен секретар Блинкен при ненајавената посета на Киев. Зеленски одново побара системи за противвоздушна одбрана.
„Знаеме дека ова е предизвикувачко време, но и дека во блиска иднина ќе пристигне уште повеќе помош, таа е на пат, дел од неа пристигна, ќе пристигне уште повеќе и ќе направи вистинска разлика против тековната руска агресија на бојното поле. Решени сме заедно со многу други партнери на Украина, да се погрижиме да успеете во тоа“, изјави Ентони Блинкен – државен секретар на САД.
Во пакетот воена помош, кој минатиот месец беше одобрен од Конгресот, се наоѓаат ракети за противвоздушни системи, муниција за ракетните системи со среден и голем дострел, како и основната муниција.
Зеленски одново побара системи за противвоздушна одбрана.
„Ова е тежок период за истокот на нашата земја, ви благодариме што дојдовте особено овие денови за поддршка на Украина, за овој сигнал, за клучниот пакет за нашите сили, благодарност до конгресот и до претседателот Бајден“, изјави Володимир Зеленски - претседател на Украина.
Офанзивата во Харков, воените аналитичари ја оценуваат како еден од најзначајните руски копнени напади од почетокот на војната.
Маријана Димовска
