Обвинителството ги утврдува причините за смртта на бебето од Вевчани
Седуммесечно бебе од Вевчани почина ноќеска во охридската болница Свети Еразмо по извршен оперативен зафат. Бебето претходниот ден околу 16 часот, било донесено во болницата со тешки повреди од страна на неговата мајка.Јавен обвинител издаде повеќе наредби за утврдување на причините за смртта на седуммесечното бебе...

Седуммесечно бебе од Вевчани почина во специјалната болница „Св. Еразмо“ Охрид, по извршен хируршки зафат. Бебето, претходниот ден, околу 16 часот, било донесено во болницата со тешки повреди од страна на неговата мајка. Во болницата било примено со хематом на главата и мозочно крвавење, по што веднаш била извршена операција.
Според изјавата на неговата мајка, повредите настанале по пад од импровизиран кревет во семејниот дом во Вевчани.
„Во текот на вчерашниот ден, во болницата Свети Еразмо било донесено седуммесечно бебе од Вевчани со повреди на главата. И покрај преземените мерки во текот на денешниот ден, рано утрово истото починало. Бебето во болницата било донесено од неговата мајка“, изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Лекарите во болницата Свети Еразмо водеа повеќечасовна битка за да го спасат животот на бебето, кое по неколку часа по спроведената операција, починало на интензивна нега. Бебето претходно било однесено и во Здравствен дом Вевчани.
„Бебето е донесено во Здравствен дом Вевчани во текот на вчерашниот ден. Го прегледала докторка во Итна медицинска помош, од мајката и било кажано дека паднало и било удрено. Истата не констатирала никакви повреди и дала насоки во случај на влошување на состојбата да се јави повторно во Здравствен дом“, вели Јован Стојкоски, директор на Здравствен дом Вевчани.
Јавен обвинител издаде повеќе наредби за утврдување на причините за смртта на седуммесечното бебе, ќе се испитува како настанала повредата, но и дали стручниот персонал во болницата постапувал согласно протоколите и процедурите. Прибавена е целокупната документација од болницата, издадена е наредба за обдукција на бебето во Институтот за судска медицина во Скопје.
Соња Рилковска
