Различни ставови по неупотребата на уставното име
Јоргос Герапетритис за ЕРТ повтори дека грчката страна бара почитување на договорот од Преспа. Никовски вели дека со употребата на зборот Македонија при свечената изјава на претседателката Сиљановска-Давкова почнува нова надворешна политика, Филипов пак смета дека ќе влијае на односите со соседите.

Дипломати кои ги консултираше МТВ различно оценуваат како неупотребата на уставното име ќе влијае на евроатлантските интеграции и односите со соседите. Амбасадорот Никовски вели дека со употребата на зборот Македонија при свечената изјава на претседателката Сиљановска-Давкова почнува нова надворешна политика со која ќе се врати достоинството во меѓународните односи.
Дипломатот Филипов пак смета дека непочитувањето на Преспанскиот договор ќе влијае на односите со соседите, САД, ЕУ, НАТО и Обединетите нации. Може нагло да престанат нивните поддршки и дека е потребно државата да се врати на водење нормална политика која значи почитување на постоечкиот Устав и потпишаните меѓународни договори.
„Ниту една од двете држави не може еднострано да го ревидира Преспанскиот договор“
Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис за ЕРТ повтори дека грчката страна бара почитување на договорот од Преспа.
„Од моментот кога ќе се ратификува меѓународен договор во парламентите, тој добива сила над законите. Ниту една од двете држави не може еднострано да го ревидира овој договор. Значи, дури и кога не се согласува со она што е вклучено во договорот, мора да го спроведе“, изјави Јоргос Герапетритис, МНР на Грција.
Во врска со тоа што Грција сè уште нема ратификувано ниту еден меморандум, не ги променила учебниците, трговските ознаки и сообраќајните табли, што е нивна обврска со договорот, Герапетритис повтори дека тие ќе бидат ратификувани во Парламентот кога ќе дојде вистинскиот момент, кога грчката страна ќе се увери дека има целосна усогласеност.
Ирина Гелевска
