Експерти: Високиот рејтинг на ВМРО-ДПМНЕ не е изненадување
СДСМ веќе не е втора, туку трета според рејтингот. Заев, Шеќеринска и екс лидерот Црвенковски, според независниот американски институт заедно немаат ниту половина од рејтингот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ...

Високиот рејтинг што според анкетите го има владејачката ВМРО-ДПМНЕ за експертите што ги консултираше МТВ не е изненадување.Сметаат дека партијата веќе осум години го гради овој рејтинг врз понудена програма и проекти.За сметка на тоа пак анкетата на ИРИ е показател дека рејтингот не се гради врз негативна и деструктивна политика. Очигледно е дека СДСМ никако не може да фати чекор со ВМРО-ДПМНЕ. За такво нешто се потребни проекти,идеи и многу работа, вели професорката Каракамишева.
„Довербата многу тешко се стекнува, но многу лесно се губи. Оваа формула ја имаат совладано и применето ВМРО-ДОМНЕ во рамките на креирањето на своите политики, меѓутоа и во политичкото делување, бидејќи очигледно е дека многу работат на стекнување на таа граѓанска доверба, но и задржување на истата преку постојани проекти, постојана работа која е во контекст на интересите на граѓаните“, смета професорката Тања Каракамишева-Јовановска.
СДСМ веќе не е втора, туку трета според рејтингот. Заев, Шеќеринска и екс лидерот Црвенковски, според независниот американски институт заедно немаат ниту половина од рејтингот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски. Заклучокот е јасен, сметаат експертите- рејтингот е резултат на постојаната работа и понудената програма.
„И меѓу самите симпатизери не е искристализирано кој треба да биде лидерот кој ќе го предизвикува и понатаму Груевски. Ми се чини дека сегашното раководство премногу е далеку да го предизвика Груевски во својата позиција“, вели аналитичарот Сашо Клековски.
Според анкетата на ИРИ, ВМРО ДПМНЕ ужива доверба кај 34 насто од испитаниците, ДУИ-14, а СДСМ бележи пад од 2 проценти, односно им веруваат само 10 насто од анкетираните.
Груевски има подршка од 25 насто, а Заев доверба од 3 проценти од испитаниците.
Наташа Гркова-Петрушевска
