ДИК прифати седум приговори
Откако ги разгледа сите 27 приговори, ДИК прифати седум од нив – шест во петтата и еден во шестата изборна единица. По еден приговор е усвоен на коалицијата „Вреди“ и на СДСМ и коалицијата „За европска иднина“, пет на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“. Од „Вреди“ велат потврдени се изборните манипулации на ДУИ. „Храбро за Македонија“ обвинува – украдени ни се над 600 гласови …

Државната изборна комисија ги усвои приговорите од политичките партии за седум избирачки места. Од вкупно поднесените 27 приговори, шест од усвоените приговори се во изборната единица пет, од кој пет на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, еден приговор на СДСМ. Во изборната единица шест, прифатен е приговорот од Коалицијата „Вреди“.
Усвоените приговори се однесуваат за:
Желино, ИМ 2101 поднесен од Коалицијата Вреди;
Охрид, ИМ 1272 поднесен од Коалицијата Твоја Македонија;
Крушево, ИМ 1194 и ИМ1202 поднесен од Коалицијата Твоја Македонија;
Струга, ИМ 1844 поднесен од Коалицијата Твоја Македонија и Коалицијата За Европска иднина;
Долнени, ИМ 1470 и ИМ 1470/1 поднесен од Коалицијата Твоја Македонија.
Останатите приговори се одбиени.
Коалицијата „Вреди“ со став- изборните манипулации на ДУИ потврдени од ДИК.
Прифаќањето на некои приговори од петтата и шестата изборна единица е оспорување на нашиот легитимитет, велат од Европскиот фронт. Најавија тужби до Управниот суд, но и дека ќе ги информираат меѓународните институции. Од Европскиот фронт тврдат дека членовите во ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и „Вреди“ добиле инструкции како да гласаат.
Коалицијата „Храбро за Македонија“, предводена од партијата ГРОМ на Стевче Јакимовски, обвини за изборен инженеринг и украдени гласови на нивна сметка. Според Јакимовски, одредени структури од Државната изборна комисија од само три места, им скратиле повеќе од 600 гласови.
Прегласувањето на спорните избирачки места можат да предизвикаат промена на бројот на мандатите.
По одлуката на ДИК политичките субјекти има право на тужба до Управен суд во рок од 24 часа по одлуката на ДИК, а Управниот суд одлучува во рок од 48 часа по поднесена тужба.
Марина Стојанова Тонева
