Социјално ранливите семејства ќе се ослободат од повеќе годишните долгови

24.06.2014 17:28

Социјално ранливите семејства најчесто не ги плаќаат сметките за струја. Проблематични се високите износи за греење во зимските месеци...

Банките, ЕВН, Топлификација и БЕГ ќе ги исчистат тешко наплатливите побарувања, а социјално ранливите семејства ќе се ослободат од повеќе годишните долгови. На крајот  сметката ќе ја плати државата. Банкарите очекуваат да ја подобрат наплатата, затоа што во овие случаи тешко им оди собирањето на ратите. Ќе се бришат минусите на картичките и старите неплаќани и утужени потрошувачки кредити.

„Врз основа на тие критериуми ќе се знае кој би можел да ја користи помошта и врз основа на тоа секоја банка поединечно ќе пресмета колкаво е тоа ниво на кредитирање, но во секој случај не беа големи бројките, прелиминарно“, рече Ѓорѓи Јанчевски- претседател на Здружението за банкарство.

Социјално ранливите семејства најчесто не ги плаќаат сметките за струја. Проблематични се високите износи за греење во зимските месеци. Акциите за плаќање на рати дадоа одредени ефекти, но не и кај оваа група граѓани, велат од ЕВН. 

„ЕВН генерално ја дава поддршката за вакви проекти. Она што треба да се спроведе е да се донесе законот за спроведување на ваквиот проект и се разбира владината комисија да ги утврди точните критериуми“, вели Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН-Македонија.

Има неплатени сметки и за парно греење. Во акцијата ќе се вклучат и двете компании.

Скопска Топлификација веќе година и половина не испорачува топлинска енергија, но има неколку илјади неплатени сметки, во кои дел се и на оваа категорија на граѓани.

Механизмот е едноставен. Државата ги доставува информациите за социјално ранливите семејства, а Топлификација ги дава информациите за висината на долгот. 

„Вкупниот долг со каматите, 10 посто од тој долг ќе ни биде даночно ослободување, а другото ќе се отпише во нашите книги, а ќе се појави во УЈП како право за ослободување од данок на добивка“, изјави Драган Макенаџиев, директор во Топлификација АД Скопје.

Доколку компаниите не го искористат даночниот кредит во оваа ќе им биде пренесен во наредната година. Предлогот да се компензираат долговите за ДДВ,не бил прифатлив за  државата.

Свето Николовски