Израел тврди дека дејствува на три фронта во Газа
Израелските сили продолжуваат со офанзивата во Рафах. Тврдат оти досега елиминирале над 100 милитанти на Хамас. Цивилите продолжуваат да се евакуираат, хуманитарната катастрофа во енклавата се продлабочува. Преговорите за прекин на огнот во ќорсокак …

Се разгорува офанзивата во Рафах. Израелската армија тврди дека оперира во три области во Појасот Газа, на север, во централниот дел и на југ. Од почетокот на операцијата во Рафах, силите елиминирале околу 100 милитанти, тврди одбраната.
„Во моментов, три дивизии се борат во Газа, во три различни области. На југот на Појасот, продолжуваат со целните операции против терористички цели и жаришта на Хамас во областа Рафах“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
Хуманитарната криза се продлабочува
Израелската копнена операција одново го расели населението, хуманитарната криза се продлабочува, став на меѓународните организации. Израел соопшти дека останува на Египет повторно да го отвори преминот Рафах и да дозволи хуманитарна помош во Појасот Газа. Од египетското МНР жестоко возвратија дека Израел е одговорен за кризата и дека воените операции во Рафах се главниот фактор што ја блокира помошта. Од Пентагон велат дека хуманитарните групи се подготвени за првите пратки преку американската поморска рута.
„Во наредните денови, САД како дел од меѓународните напори во координација со Обединетите нации и Светската програма за храна ќе започнат со олеснување на испораката на хуманитарна помош за Газа преку Кипарскиот поморски коридор. Овој хуманитарен напор има за цел да ги олесни страдањата на луѓето во Газа. Ги повикуваме сите страни да не се мешаат во испораката на хуманитарната помош“, изјави Генерал-мајор Пат Рајдер, портпарол на Пентагон.
Преговорите за прекин на огнот во ќорсокак
Од Катар потврдија дека преговорите за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас се во ќорсокак, а Израел поставува нереални цели и нема патоказ за крајот на војната. Доха со став, ќе продолжат со својата работа, но не сакаат да бидат искористени или злоупотребени како посредници.
„Постои јаз меѓу двете страни во однос на главната цел. Решението што може да биде прифатено од двете страни не е лесна работа. Нашата досегашна оценка е дека сè уште сме во ќорсокак, но продолжуваме со напорите со нашите браќа во регионот и со нашите пријатели во САД да ја придвижиме застоената вода“, изјави Мајед ал Ансари, портпарол на катарското Министерство за надворешни работи.
Палестинците од Газа денеска одбележуваат 76 години од масовното протерување кога близу 700 луѓе ги напуштија домовите за време на арапско-израелската војна во 1948 година, по што била формирана држава Израел.
Маријана Димовска
