Една милијарда долари американска помош за Израел
Вашингтон најави нова пратка оружје за Тел Авив. Израелските сили продолжуваат со офанзивата во Рафах, досега елиминирале над 100 милитанти на Хамас. Меѓународните организации предупредуваат дека хуманитарната криза се продлабочува. Од Катар потврдија, преговорите за прекин на огнот се во ќор-сокак.

САД испраќаат помош од милијарда долари на Израел. Тенкови, минофрлачи и оклопни возила се дел од новата пратка, откако претходно администрацијата стави во мирување трансфер на оружје од 3.500 бомби поради загриженоста за цивилни жртви. Израелската армија тврди дека оперираат во три области, на север, во централниот дел и на југ. Од почетокот на операцијата во Рафах биле елиминирале околу 100 милитанти.
„Во моментов, три дивизии се борат во Газа, во три различни области. На југот на Појасот, продолжуваат со целните операции против терористички цели и жаришта на Хамас во областа Рафах“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.
Израелската копнена операција одново го расели населението, хуманитарната криза се продлабочува, став на меѓународните организации. Од Пентагон велат дека хуманитарните групи се подготвени за првите пратки преку американската поморска рута.
„Во наредните денови, САД како дел од меѓународните напори во координација со Обединетите нации и Светската програма за храна ќе започнат со олеснување на испораката на хуманитарна помош за Газа преку Кипарскиот поморски коридор. Ги повикуваме сите страни да не се мешаат во испораката на хуманитарната помош“, изјави генерал-мајор Пат Рајдер, портпарол на Пентагон.
Израел соопшти дека останува на Египет повторно да го отвори преминот Рафах и да дозволи хуманитарна помош во Појасот Газа. Од египетското МНР жестоко возвратија дека Израел е одговорен за кризата и дека воените операции во Рафах се главниот фактор што ја блокира помошта. Од Катар пак песимистички тонови, преговорите за прекин на огнот се во ќор-сокак.
„Постои јаз меѓу двете страни во однос на главната цел. Решението што може да биде прифатено од двете страни не е лесна работа. Нашата досегашна оценка е дека сè уште сме во ќор-сокак, но продолжуваме со напорите со нашите браќа во регионот и со нашите пријатели во САД да ја придвижиме застоената вода“, изјави Мајед ал Ансари, портпарол на Министерството за надворешни работи на Катар.
Во време на војна, Палестинците во светот го одбележуваат „Накба“, ден кога нивните предци пред 76 години, за време на арапско-израелската војна биле присилени да ги напуштат домовите.
Маријана Димовска
