Филм

„Мала шега“ влезе во официјална селекција на престижен филмски фестивал во Данска

15.05.2024 11:18

Македонскиот краткометражен филм „Мала шега“ кој беше во конкуренција со 4140 кратки филмови од светот влезе во официјална селекција на престижниот филмски фестивал во Оденсе, Данска...

Македонскиот краткометражен филм „Мала шега“ кој беше во конкуренција со 4140 кратки филмови од светот влезе во официјална селекција на престижниот филмски фестивал во Оденсе, Данска. Во официјалната селекција влегоа 149 филмови од 39 земји меѓу кои и филмот „Мала Шега“ на режисерот Трифун Ситниковски, во продукција на ДНФ Филмс и копродуциран од ИРЛ од Македонија и Изван Фокуса од Хрватска, во соработка со Вардар Филм, а со поддршка на Агенција за филм и Хрватскиот Аудиовизуелен Центар.

ОФФ фестивалот (Меѓународен филмски фестивал Оденсе) се одржува секоја година од 1975-та во срцето на Данска, а кратките филмови кои се прикажуваат на овој фестивал се квалификуваат за Оскари и за Европските филмски награди (ЕФА). Оваа година фестивалот ќе се одржува од 26-ти август до 1-ви септември во Оденсе.

Краткометражниот филм „Мала шега“ кој раскажува приказна за тинејџерска љубов и авантура е во режија на Трифун Ситниковски. Фестивалот го опиша филмот како „емотивна приказна претставена во ноти на летна поезија“.

Продуцент и монтажер е Гоце Кралевски, а копродуценти се Сашка Цветковска и Адријана Пруговечки. Кинематографер на филмот е Сергеј Сарчевски, дизајнер на продукцијата е Александра Петкова. Композитор е Мартина Силјановска, а за костимографијата одговорна беше Марта Дојчиновска. Главните улоги ги толкуваат Јана Никодиновска и Марко Илиевски.