Грузија

Законот за странско влијание изгласан во Грузија, демонстрации пред законодавниот дом

15.05.2024 12:47

Грузија го доби кандидатскиот статус за членство во Европската унија лани во декември. Тогаш се славеше кандидатурата, но последниве месец дена, Тбилиси влезе во етапа на постојани протести поради Законот за странско влијание којшто вчера беше донесен во Парламентот. Демонстрации и апсења на улиците пред законодавниот дом, внатре масовни тепачки меѓу пратениците. Кавказот и натаму е чувствителна безбедносна зона...

По Украина, и во други земји од кавкаскиот регионот се шири спиралата на насилствата. Грузија е најсвежиот пример на обоените револуции и реакциите кон нив. По повеќедневното протестирање и апсење пред парламентот во Тбилиси, по тепачките во законодавниот дом, беше усвоен законот што предвидува јавно декларирање на фондации или медиуми доколку се финансирани со најмалку 20 насто средства од странство. За демонстрантите, со законот предложен од владејачката партија „Грузиски сон“ се урива демократијата.

„Протстите продолжуваат сè додека законот не биде укинат“

„Грузискиот сон и владата со ова не приближуваат кон Русија. Тоа се случи таму во 2012, тогаш пропаднаа институциите и заштитата на човековите права. Се повторува истото сценарио во Грузија“, рече Лука Тетрадзе, демонстрант.

„Во многу тешка состојба сме. Сакаме да одиме во Европа, но носиме руски закони. Ќе протестираме сè додека законот не биде укинат, нема да застанеме со протестите“, рече Гваташа Маисурадзе, демонстрантка.

Кобагидзе: Странски политичари се мешаат во внатрешните работи

Според грузискиот премиер, на демонстрациите имало и странски политичари кои се мешаат во внатрешните работи на земјата.

„Ова е најважниот ден на грузиската демократија кога станува збор за интегритетот и суверенитетот на земјата. Со усвојувањето на Законот за јавноста на странското влијание ја гарантираме стабилноста на Грузија, ова е против поларизацијата која е суштинска за европската интеграција. И според анкетите, народот е за јавност на невладините, 60 насто го поддржуваат законот“, изјави Иракли Кобагидзе, премиер на Грузија.

Негативна реакција од Вашингтон

Итна и негативна реакција пристигна и од Вашингтон, од првиот човек на Стејт департментот Блинкен во рамките на неговата посета на Украина. Постои можност и грузискиот претседател да стави вето или да не го потпише декретот на законот за којшто во Тбилиси се протестира од деветти април.

 

Зоран Богатинов