МВР

Запален службениот автомобил на директорот на затворот „Идризово“

15.05.2024 14:55

Ноќеска, по полноќ, бил запален службениот автомобил на директорот на затворот „Идризово“, Зоран Јовановски. Инцидентот се случил во скопската населба Кисела Вода. Пожарникарната бригада интервенирала и го локализирала пожарот, нема повредени лица. Пожарот зафатил и дел од фасада на зграда каде било паркирано возилото...

Запален е службениот автомобил на директорот на затворот „Идризово“, Зоран Јовановски. Инцидентот се случил ноќеска по полноќ во скопската населба Кисела Вода, интервенирала и противпожарната бригада, повредени нема. Пожарот зафатил и дел од фасада на зграда, но и предмети на балконите.

Пожарот предизвикал штета и на електричната инсталација. Екипи веднаш го санираат проблемот. МТВ го контактираше директорот на затворот, но тој денеска не одговараше на нашите повици. Од полицијата ја потврдија информацијата.

„На 15.05.2024 околу 03.35 часот во Полициската станица Кисела Вода во Скопје било пријавено дека на тоа подрачје било опожарено паркирано патничко возило „Фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Казнено – поправната установа „Идризово“, кое било паркирано од З. Ј“, стои во соопштението од МВР.

Од Основното јавно обвинителство Скопје, извршија увид каде ноќеска беше опожарен службениот автомобил од директорот на затворот.

„Прибрани се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење со цел да се утврдат причините за опожарувањето. Обезбедени се снимки од видеонадзор на околните објекти и се преземаат други дејствија“, стои во соопштението од ОЈО.

Кој и зошто го запалил возилото сè уште не се знае. МВР презема мерки за расчистување на случајот.

 

Борис Грујоски