„Генералка викенд“ - еколошка акција за почиста Шар Планина
На Шара се отстранија стотици тони отпад во рамки на еко-акцијата „Генералка викенд“. Се чистеше долж патот кој ги поврзува шарпланинските села Вешала и Бозовце. Во акцијата беа вклучени Армијата, Единицата за брзо распоредувања, Националниот парк Шар планина, Центарот за управување со кризи...

Гума, пластика, разновиден комунален смет и шут беа од една од многуте диви депонии на Шара. Во координирана акција користејќи и алпинистичка опрема за почиста Шара ракавите ги засукаа повеќе институции и здруженија.
Еко-акцијата на Шара продолжува и во наредните два дена. Покрај исчистените депонии ќе се постават и контејнери за одлагање на сметот.
„Сето ова нема брзо да го решиме, ова е почетокот и секако порака праќаме дека во сите села треба да има контејнер каде треба да се фрла отпадот. За овие села нема да се плаќа комуналните сметки, се со цел да имаме почиста животна средина. Ние и претходно сме организирале вакви акции, но претходно фокусот ни беше да ги исчистиме местата каде се движат планинарите, а сега се фокусираме околу селата да го собираме отпадот“, изјави Ибрахим Дехари, директор на НП „Шар Планина“.
Еколошката акција е во рамки на „Генералка викенд“ која ќе продолжи се отстранување на сметот долж патот Тетово-Попова Шапка како и чистење на отпад во 81 општина низ земјава. Се работи за голема еко-акција во која ќе бидат вклучени над 20.000 волонтери.
„Следната година ќе ги чистиме и другите депонии на шарпланинските села. Отпадот неправилно се одложува во некои рурални средини оти нема соодветна инфраструктура и затоа луѓето го одложуваат отпадот во долови, реки, планини и тоа треба да се спречи. Луѓето треба да знаат дека не ја загадуваат животната средина, таа ќе опстане, тие го загадуваат сопственото здравје и затоа ја создадовме „Генералка викенд“ здружено да ја исчистиме нашата татковина, дека луѓето кога ќе се вклучат во еко-акции подруго се однесуваат со природата“, изјави Гордана Софија од организацијата „Генералка викенд“.
„Ова е наш дом и како што го третираме нашиот стан треба исто така на ист начин да го третираме и сето она што е надвор низ улиците по кои се движиме, треба да се грижиме тие да бидат чисти, а не само да го впериме прстот кон комуналните претпријатија“, изјави Ханес Јекел, од организацијата „Генералка викенд“.
Отпадот од шарпланинските села со децении не се собира па така тој најчесто завршува по долините реките ливадите.
Зоран Димовски
