Законот за странско влијание предизвика немири во Грузија
Грузија го доби кандидатскиот статус за членство во Европската унија лани во декември. Тогаш се славеше кандидатурата, но последниве месец дена Тбилиси влезе во етапа на постојани протести поради Законот за странско влијание којшто вчера беше донесен во Парламентот. Демонстрации и апсења на улиците пред законодавниот дом, внатре масовни тепачки меѓу пратениците. Кавказот и натаму е чувствителна безбедносна зона …

По Украина, и во други земји од кавкаскиот регионот се шири спиралата на насилствата. Грузија е најсвежиот пример на обоените револуции и реакциите кон нив. По повеќедневното протестирање и апсење пред Парламентот во Тбилиси, по тепачките во законодавниот дом, беше усвоен законот што предвидува јавно декларирање на фондации или медиуми доколку се финансирани со најмалку 20 насто средства од странство. За демонстрантите, со законот предложен од владејачката партија „Грузиски сон“ се урива демократијата.
Демонстрантите на протести
„Грузискиот сон и Владата со ова не приближуваат кон Русија. Тоа се случи таму во 2012, тогаш пропаднаа институциите и заштитата на човековите права. Се повторува истото сценарио во Грузија“, изјави Лука Тетрадзе, демонстрант.
„Во многу тешка состојба сме. Сакаме да одиме во Европа, но носиме руски закони. Ќе протестираме сè додека Законот не биде укинат, нема да застанеме со протестите“, изјави Гваташа Маисурадзе-демонстрантка.
Според грузискиот премиер, на демонстрациите имало и странски политичари кои се мешаат во внатрешните работи на земјата.
Кобагидзе: Со законот ја гарантираме стабилноста на Грузија
Ова е најважниот ден на грузиската демократија кога станува збор за интегритетот и суверенитетот на земјата. Со усвојувањето на Законот за јавноста на странското влијание ја гарантираме стабилноста на Грузија, ова е против поларизацијата која е суштинска за европската интеграција. И според анкетите, народот е за јавност на невладините, 60 насто го поддржуваат Законот“, изјави Иракли Кобагидзе-премиер на Грузија.
Законот предизвика очигледно вознемирување во Вашингтон, ќе ги преиспита односите со Грузија- порачуваат од Белата куќа.
Жан-Пјер: Преиспитување на односите со Грузија
„Не се посвети внимание на загриженоста за законот што ја оддалечува Грузија од Европската унија. Ова не принудува суштински да ги преиспитаме односите со Грузија“, изјави Карин Жан-Пјер прес секретар на Белата куќа.
Постои можност и грузискиот претседател да стави вето или да не го потпише декретот на Зконот за којшто во Тбилиси се протестира од деветти април.
Зоран Богатинов
