Одбележан Меѓународниот ден на семејството
„Семејствата градат одржлива иднина“, е темата на обединетите нации за Меѓународниот ден на семејствата за оваа година. И Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет на УКИМ го одбележува овој ден...

Семејствата во земјава се соочуваат со многу проблеми, живееме во динамично општество во кое е потребна институционална поддршка и комплексни политики. На меѓународниот ден, оценката е дека младите во земјава сè почесто го одлагаат родителството, а како сериозен проблем се посочува и миграцијата. Во последниот попис запишани се 530 илјади семејства, а дури 30 проценти од брачните двојки немаат деца. Зголемен е и бројот на вонбрачни заедници – младите фокусот го ставаат на образованието и на кариерата.
Семејството е важно за правилен развој на детето
„Живееме во општество каде што индивидуализацијата е на многу висок степен. Живееме во држава каде економската ситуација изминатите 30 години не е каква што би сакале. Па така, денес да се создаде семејство претставува и економски предизвик. Едноставно, следењето на трендовите на глобално ниво е одраз на фактичката состојба“, изјави Ирена Авировиќ Бундалевска, раководител на Институтот за семејни студии.
Семејството е многу важно за правилен развој на детето. Освен родител, денес е многу тешко да се биде и наставник, велат од фелата. Вклученоста на родителите во образовниот процес е многу важно за емоционален развој на децата.
„Денеска сме дојдени да го одбележиме на начин што ќе ги поттикнеме децата што повеќе да се вклучат во активностите што ги работат дома со своите семејства, но, истовремено порака и до родителите – поминатото време со децата е најскапоценото нешто што некој може да го има“, рече Тања Јосимовска, одделенски наставник.
Ученици од основни училишта имаа можност да го нацртаат семејството како што тие го доживуваат.
„Нацртав како јас и моето семејство сме на прошетка“, рече еден ученик.
„Јас нацртав како со татко ми се шетаме низ детска улица“, вели друг.
Интерес за струдирање на семејните студии
Иако на Филозофскиот факултет има интерес за студирање на семејните студии, сепак, деканот вели потребни се промени за оваа струка да може да влезе во системот.
„Сè уште сме на половина пат, некако овој профил успеа да влезе во законот, но само во еден член, не успеавме овие профили да влезат и во државните институции, во центрите. Се надевам дека во скоро време и тоа ќе го решиме па ќе ја заокружиме цела оваа наша активност, за која се бориме веќе 10 години“, изјави Ратко Дуев, декан на Филозофски факултет.
Семејството е заедница во која треба да се пружа љубов и поддршка меѓу членовите – е пораката испратена на меѓународниот ден. Бидејќи само во здрави семејства ќе имаме членови кои ќе градат здраво општество.
Андријана Ѓурческа
