Закани кон претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска
Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, во полициска станица пријавила евентуално загрозување на сигурноста, откако на нејзиното приватно паркинг место во близина на нејзиното живеалиште, во непосредна близина на нејзиното возило е пронајден нож и други предмети…

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска во полициска станица пријавила загрозување на нејзината безбедност откако на приватното паркиралиште во местото на живеење нашла импровизиран кревет и забоден нож во инсталација за осветлување.
Од судот велат дека истрагата треба да покаже дали се работи за лична закана против Кацарска и кој e мотивот за овој инцидент.
МВР работи на расветлување на случајот
Од МВР соопштуваат дека е известен јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
„На 14.5.2024 г. во СВР Скопје од страна на Д.К. било пријавено дека во подрачјето на Центар во подземни гаражи, во нејзино гаражно место, биле пронајдени импровизиран кревет и кујнски нож кој бил забоден на прекинувачот за светло. Известен е надлежен јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштуваат од МВР.
Закани и на социјалните мрежи
Од Уставниот суд велат дека Кацарска и претходно имала непријатности и во континуитет добивала закани на социјалните мрежи.
Дали се работи за сериозна закана или шега, очекуваат истражните органи да спроведат истрага.
Ирина Гелевска
