Самит „Македонија 2025“

Стабилни институции и нулта корупција, бара бизнис-елитата од дијаспората

15.05.2024 16:59

Силна нација и економски раст од 5%, бара дијаспората. За да ги вложи парите апелира – стабилни институции и нулта корупција. Дигитална трансформација и поголема регионална соработка за просперитетни економии – теми на годинашниот самит „Македонија 2025“ што се одржува денеска и утре во Скопје …

Бизнис-елитата од дијаспората подава рака за соработка, лобирање и инвестиции, но бара поддршката да се канализира, да се обезбедат економски можности, стабилни институции, искоренување на корупцијата.

„Македонија 2025“ е едногласна во ставот со заеднички сили до силна нација и економски раст од пет проценти, но предупредува целите се тешко остварливи поради бавниот напредок и одливот на мозоци. Од новата влада бара:

„Нулта толеранција за корупција преку транспарентност, систем базиран на заслуги и лична одговорност. Континуиран раст на БДП над 5% годишно преку зголемени инвестиции во образованието, деловни и регулаторни реформи, поддршка на извозот и намалување на сивата економија. Квалитетна и ефикасна јавна администрација и пристапување во ЕУ“, посочи Никица Мојсовска-Блажевски, извршен директор на „Македонија 2025“.

Огромни предизвици пред новата влада

Нова влада, нови програми, но старите искушенија и огромни предизвици стојат и пред новата влада, на мобилизација и едногласен консензус на патот кон просперитет повика бизнис-еснафот

Добра бизнис-клима, поддршка за дигитализација на бизнисите, иновации – со интеграција се стигнува до заедничките цели, велат домашните бизнисмени.

Успешни бизнисмени и експерти на едно место, низ искуства и ставови годинава го кројат рецептот за подобра дигитализација неопходна за економски раст, но велат, приоритет е брендирањето на државата како препознатлива бизнис-дестинација.

Сузана Фиданска-Стоевска