Избори 2024

Најавени тужби до Управен суд по одлуката на ДИК

15.05.2024 18:43

Европскиот фронт ќе ги обжали одлуките за прегласување, најави и кривични пријави против членовите на Државната изборна комисија. По одлуката на Државната изборна комисија за прифатените приговори, течат роковите за најавените тужби до Управниот суд за парламентарните избори. Управниот, пак, има рок од 48 часа да одлучи по жалбите на партиите…

Демократската унија за интеграција до Управниот суд веќе ги поднела тужбите по усвоените приговори од страна на ДИК – потврди партискиот портпарол Бујар Османи. Станува збор за седум прифатени приговори, шест во петтата изборна единица и еден во шестата изборна единица. Од ДУИ најавуваат и пријави против членовите на ДИК.

А разговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“ се во подготовка на конкретните разговори за формирање на влада. Според брифинзите од партиите, имало координација на техничко ниво да состават групи за анализи на партиските програми, по што ќе ги определат реформите по кои прво ќе постапуваат. За кадри и распределба на ресори сè уште е рано.

Во СДСМ, пак, во тек се подготовките Конгресот. Наредната недела планирани се состаноци на раководството и извршниот одбор, на кој ќе се разгледаат причините за изборниот резултат. На отчетниот конгрес треба да бидат дефинирани рокови и начин на спроведување на внатрепартиските избори на сите нивоа.

Миле Ристески