ЦУК: Внимателно при грмежи и молњи, да не се престојува на отворено
Центарот за управување со кризи информира дека во последното деноноќие имало вкупно 1.677 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи – 112, од коишто „реални“ повици биле 56,59 отсто, а 43,41 проценти за други потреби на граѓаните што не биле итни...

Центарот за управување со кризи информира дека во последното деноноќие имало вкупно 1.677 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи – 112, од коишто „реални“ повици биле 56,59 отсто, а 43,41 проценти за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полицијата биле упатени 64,43 проценти, кон Итната медицинска помош – 30,04 отсто, а кон пожарникарите – 1,58 проценти од реалните повици.
Од ЦУК алармираат за внимателност при грмежи и молњи, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја. Да се вози внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на помали одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Регионалниот центар за управување со кризи – Битола информира дека вчера, по дојава на граѓани, од атарот на село Канатларци во општина Прилеп, безбедно се подигнати и отстранети една артилериска граната 155 мм една мина од минофрлач 75 мм и една рачна бомба.
Сите неексплодирани убојни средства се од Првата светска војна. Истите безбедно се пренесени во магацинот на ДЗС во Битола и со нив ќе се постапува според стандардните оперативни процедури за вакви случаи. Кога ќе пронајдат какви било неексплодирани убојни средства или остатоци од минатите војни, препорака до граѓаните е да не ги фаќаат и поместуваат, туку да се јават на 112 во ЦУК, потенцираат надлежните.
