Криза на Блискиот Исток
Продолжуваат нападите во Појасот Газа. И покрај притисоците на меѓу народната заедница, израелскиот премиер Нетанјаху не отстапува од намерата за елиминирање на милитантната група Хамас. Преговорите за примирје во ќорсокак...

Израелскиот премиер, вели дека неговата земја нема начин да се подготви за повоена визија за Газа додека Хамас не биде поразен. Првиот услов за „ден потоа“ е да се елиминира непријателот – категоричен Нетанјаху. На неговата изјава реагираше израелскиот министер за одбрана Галант, предупредувајќи дека тој мора да најде алтернативно раководство.
„Военото владеење во Газа ќе стане главниот безбедносен и воен напор за Израел во наредните години, на сметка на други арени. Платената цена ќе биде крвопролевање и многу жртви без цел, како и висока економска цена. Затоа нема да се согласам со формирање израелска воена администрација во газа, Израел не смее да има цивилна контрола над Појасот Газа“, изјави Јоав Галант- министер за одбрана на Израел.
Нетанјаху возвраќа-не сум подготвен да го заменам Хамас за Фатах.
„Сè додека Хамас останува непоразен, ниту една друга страна нема да се вклучи во управувањето со цивилите во газа. 80 насто од Палестинците во Јудеја и Самарија го поддржуваат ужасниот масакр од 7 октомври. Не сум подготвен да го заменам Хамас со Фатах“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.
Во исто време офанзивата во Рафах се проширува. Меѓународната заедница повикува Тел Авив веднаш да прекине со планот. Хамас тврди-ние го одобривме предлогот за примирје, но Израел ги донесе преговорите во ќор-сокак.
„Неодамна го објавивме нашето одобрување на предлогот што ни го доставија Египет и Катар, сепак, Израел одговори на овој предлог со окупирање на преминот Рафах и негово контролирање, всушност ја почна агресијата врз градот ставајќи ги преговорите во ќор-сокак“, изјави Исмаил Ханије – шеф на политичкото биро на Хамас.
Египет се приклучи на случајот на јужна Африка против Израел за спречување геноцид во Појасот Газа.
„Тоа е чекор во согласност со правната перспектива на тоа што се случува во Газа и обврските во рамките на договорот за спречување геноцид. Неопходно беше да го поддржиме случајот што беше изнесен пред меѓународниот суд на правдата. И неопходно е меѓународната заедница да работи на убедување на Израел да го почитува примирјето“, изјави Самех Шукри – министер за надворешни работи на Египет.
Сирени се огласуваат на северот на Израел. Нова размена на оган со Хезболах. Нови напади на Хутите и во Црвено Море. По кусата пауза, Белата куќа го извести конгресот дека ќе испрати една милијарда долари воена помош за Израел.
Бојана Крстевски
