Русија-Кина

Путин - Џинпинг: Односите на двете земји се фактор на стабилност во светот

16.05.2024 11:44

Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска пристигна во дводневна посета на Пекинг, каде се сретна со кинескиот лидер Си Џинпинг.Средбата го нагласува блиското партнерство меѓу двајцата сојузници кои се противат на демократскиот поредок предводен од САД. Една од темите, војната во Украина...

Топла и пријателска атмосфера во Пекинг. Рускиот претседател Путин и неговиот кинески колега Џинпинг ги продлабочуваат економските врски. Потпишаа декларација меѓу двете земји. Средбата го нагласува блиското партнерство меѓу двајцата сојузници кои се противат на демократскиот поредок предводен од САД. Кина секогаш ќе биде добар сосед на Русија, изјави Си, додека Путин оцени дека соработката меѓу двете земји е фактор на стабилност во светот.

Политичкото решение за конфликтот во Украина

„Сметаме дека е неопходно да се работи на изградба на сигурна и соодветна безбедносна архитектура во азиско-пацифичкиот регион, во кој нема место за затворен воено-политички сојуз. Сметаме дека е многу штетно и контрапродуктивно да се создаваат такви сојузи. Се договоривме со претседателот Си Џинпинг да разговараме детално за целиот опсег на надворешнополитичката агенда. го информирав и за ситуацијата што се развива околу Украинската криза. Благодарни сме им на нашите кинески пријатели за иницијативите што ги даваат за решавање на овој проблем“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.

„Двете страни се согласија дека политичкото решение за украинската криза е вистинската насока. Позицијата на Кина по ова прашање е конзистентна и јасна. Ова вклучува почитување на целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации, почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји и почитување на разумните безбедносни грижи на сите страни и градење на избалансирана, ефективна и одржлива нова безбедносна рамка. Кина се надева на брзо враќање на Европа кон мирот и стабилноста“, изјави кинескиот претседател, Си Џинпинг.

Ситуацијата во Харков тешка, но под контрола

Средбата на Путин доаѓа во момент на разгорени борби на фронтот во Украина и континуираната воена поддршка на сојузниците на Киев. Претседателот Зеленски ги откажа сите патувања, тврдејќи дека ситуацијата во Харков е исклучително тешка, но под контрола, иако дел од украинските сили беа принудени да се повлечат во неколку правци.

„Во Доњецк и Харков ситуацијата е најтешка. Рано е да се носат заклучоци, но засега ситуацијата е под контрола. Војниците го уништуваат окупаторот кој се обидува да напредува, сè е прилично тензично“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Русија тврди дека соборила пет ракети со долг дострел над Крим. Уништени се неколку куќи, но нема жртви. Во исчекување на пристигнувањето на помошта од САД, Москва со закана дека ќе ја уништат сета американска воена опрема што ќе ја добие Киев.

Бојана Крстевски