Македонија

Тужби до Управниот суд по одлуките на ДИК

16.05.2024 11:50

До Управниот суд е пристигната само една тужба од коалицијата „Вреди“, против Државната изборна комисија. Иако и ДУИ најави дека правдата ќе ја бара преку Вишиот суд, од таму велат дека досега тужби не се пристигнати...

До Управниот суд синоќа била поднесена тужба од коалицијата „Вреди“ за резултатите од парламентарните избори, против одлуката на Државната изборна комисија. Оформен е предмет, се преземаат сите процесни дејствија, согласно роковите определени во Изборниот законик, информираат од Управен. И од Демократската унија за интеграција велат дека доставиле тужби до Управниот суд по усвоените 7 приговори од Државната изборна комисија, шест во петтата изборна единица и еден во шестата изборна единица.

Од „Вреди“ сметаат дека прифаќањето на приговорите во петката и шестката е потврда на изборните манипулации на Европскиот фронт, предводен од ДУИ. Од таму пак возвраќаат дека тоа значело оспорување на нивниот легитимитет и волјата на гласачите. Од ДУИ најавија и пријави против членовите на ДИК.

Дали ќе има прегласување на 22-ри мај ќе зависи од одлуките на Управниот суд и од симулацијата на Државната изборна комисија дали може да влијае на освоените пратенички мандати. Според информациите, ако има гласање на 7-те избирачки места, теоретски е можно ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и ЛДП, партнер на СДСМ да добијат уште по еден пратеник, а ДУИ да загуби два. Управниот суд има 48 часа за да одлучи по приговорите. Решението е конечно. Како и во случајот со претседателските избори. Од Државната изборна комисија велат дека конечните, официјални резултати ќе ги соопштат веднаш или најдоцна за 24 часа по завршување на целата процедура.

 

Ирина Гелевска