Мицотакис: Секое отстапување од договорот од Преспа, ќе има последици
Грчкиот премиер Мицотакис изјави дека земјата нема да ги ратификува меморандумите сè додека не се убедени дека нашата држава е усогласена со сите одредби на Преспанскиот договор. Ова е нова реакција за некористењето на „Северна“ во свечената заклетва на претседателката Сиљановска-Давкова.

Грчкиот парламент нема да ги ратификува трите меморандуми од Преспанскиот договор сè додека нема целосно усогласување со одредбите, вели грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Во интервју за телевизијата „Скај“ рече дека отстапувањето од Договорот ќе донесе последици и на европскиот пат на Македонија и во билатералните односи меѓу двете земји. Трите меморандуми се однесуваат на процесот на пристапување на Македонија во Европската унија, економската соработка и надзор над воздушниот простор.
„Ги истакнав проблемите од договорот од Преспа бидејќи тој ги утврдува термините „македонски“ и „македонски јазик“. Ја предупредив и новата влада во Скопје со јасна изјава дека секое отстапување од договорот од Преспа, ќе има сериозни последици и во односот со нас и во однос на патот кон Европа. Во однос на меморандумите, Сириза сега бара да ги ратификуваме меморандумите и да го откажеме најосновното оружје што го имаме за почитување и спроведување на договорот. Она што СИРИЗА од нас го бара е чин што ги достигнува границите на апсурдноста“, рече грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис.
Новата додавка на името на државата треба да се употребува во документите во рок од пет години од отворањето на соодветното поглавје, смета поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и поранешен амбасадор во САД, Васко Наумовски. Појаснува дека на инаугурацијата во Собранието, претседателката Сиљановска-Давкова без да го каже целосното уставно име на државата, не го прекрши Преспанскиот договор.
По реакциите од Атина и од Софија, од кабинетот на Сиљановска-Давкова информираа дека таа има право во јавни настапи да го употребува името Македонија како право на самоопределување и самоидентификација, но, дообјаснија дека претседателката ќе се придржува до официјалната примена на уставното име.
Милчо Велески
